
Во 2025 година, систематските пропусти во спроведувањето на законите овозможија емисиите на сулфур диоксид (SO₂) од застарените термоелектрани на јаглен во Западен Балкан да ги надминат законските граници за 6,6 пати, според осмото издание на извештајот „Усогласи се или затвори“ (Comply or Close), објавен денес. Емисиите на азотни оксиди (NOx) исто така продолжија да ги надминуваат дозволените граници, додека загадувањето со прашина се зголеми и го достигна највисокото ниво откако сегашните правила стапија во сила во 2018 година.
Осум години откако стандардите за контрола на загадувањето стапија во сила согласно Договорот за Енергетска заедница, во 2025 година емисиите на сулфур диоксид од термоелектраните опфатени со Националните планови за намалување на емисиите (NERP) во Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија сè уште беа вкупно 6,6 пати повисоки од дозволеното ниво.
Термоелектраните опфатени со NERP во Босна и Херцеговина беа најголеми емитери на SO₂, со 196.940 тони, односно 12,7 пати над дозволената граница. Следуваше Србија со 177.756 тони, што е 5,1 пати над дозволеното ниво.
На ниво на целиот регион, емисиите на SO₂ се намалија само умерено од 2018 година наваму. Воедно, дозволените граници за емисии во 2025 година беа построги отколку во претходните години, што доведе до уште поголеми прекршувања.
Најголем загадувач со SO₂ во апсолутни вредности и понатаму беше електраната Угљевик во Босна и Херцеговина, и покрај тоа што располага со постројка за десулфуризација. Нејзините емисии во 2025 година изнесуваа 115.079 тони, што е највисоко ниво откако правилата за контрола на загадувањето стапија во сила во 2018 година.
Пет јагленски блокови ги надминаа своите лимити за емисии на SO₂ за повеќе од десет пати во 2025 година – Битола Б1 и Б2, како и Битола Б3 во Северна Македонија, како и Угљевик, Гацко и Какањ 6 во Босна и Херцеговина.
Загадувањето со прашина во 2025 година беше 2,9 пати повисоко од дозволеното, достигнувајќи го највисокото апсолутно и релативно ниво од 2018 година наваму.
Главен двигател на ова беше огромното зголемување на емисиите од електраната Битола во Северна Македонија, која ги удвои своите емисии во споредба со 2024 година и самостојно испушти повеќе од вкупно дозволените 7.094 тони за целиот регион.
Електраната Гацко во Босна и Херцеговина повторно беше најголем релативен загадувач со прашина. И покрај мало намалување во споредба со 2024 година, таа испушти 15,1 пати повеќе од дозволеното.
Како и во 2024 година, вкупните емисии на азотни оксиди од NERP-термоелектраните во 2025 година изнесуваа 1,4 пати повеќе од дозволеното. Косово, Босна и Херцеговина и Србија повторно ги надминаа своите законски лимити, при што најголем емитер беше блокот Никола Тесла Б во Србија со 11.247 тони.
Покрај прекршувањата на NERP, на крајот од 2023 година истече рокот за затворање на најмалите и најстарите електрани кои работеа според таканаречениот „opt-out“ режим. Сите три земји од Западен Балкан што имаат термоелектрани опфатени со ова правило – Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија – сè уште го прекршуваат.
Електраната Пљевља во Црна Гора помина низ процес на модернизација во последните години и поголем дел од 2025 година не работеше, но нема достапни докази дека ги исполнува стандардите за загадување што би ѝ овозможиле да продолжи со работа. Блоковите Тузла 4 и Какањ 5 во Босна и Херцеговина, како и Морава и Колубара А во Србија, исто така продолжуваат да работат повеќе од две години по крајниот рок за затворање.
Секретаријатот на Енергетската заедница отвори повеќе постапки против земјите поради овие прекршувања, потврдувајќи го незаконското работење на нивните термоелектрани на јаглен. Сепак, ниту една влада досега нема изречено санкции за спорните електрани, ниту има јасни, ажурирани и реални планови за усогласување со прописите и/или нивно затворање.
Во меѓувреме, конечниот режим на Механизмот за јаглеродна гранична корекција на Европската Унија (CBAM) започна да се применува во јануари 2026 година, со што се зголемија трошоците за извоз на електрична енергија и дополнително се намали профитабилноста на термоелектраните на јаглен во регионот. Во последните години Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Србија забележаа пад на производството на електрична енергија од јаглен, и покрај тоа што не дојде до затворање на електрани.
Давор Пехчевски, координатор за енергетика за Балканот во Bankwatch, изјави:
„Во некои земји од Западен Балкан денес го имаме најлошото од двата света: намалување на производството на електрична енергија од јаглен без јасен план за ублажување на социо-економските последици, комбинирано со високи – а во некои случаи дури и влошени – нивоа на загадување. Наместо да ги спроведуваат мерките за контрола на загадувањето, владите свесно ги игнорираат проблемите.
Ова оди далеку подалеку од прашањата за јавното здравје и животната средина и директно ги засега темелните принципи како што е еднаквоста пред законот.“
Јоана Чуца, раководителка на стратешката област „Надвор од фосилните горива“ во Bankwatch, изјави:
„Иако владите на Западен Балкан јасно ја носат главната одговорност, и институциите на Европската Унија треба да преземат поактивна улога, условувајќи го европското финансирање и напредокот во пристапувањето со почитување на правилата; испраќајќи јасни и јавни пораки; и обезбедувајќи средства за праведна транзиција на јагленските региони и премин кон одржливи системи за греење.
Потребни се и посилни механизми за спроведување во рамките на Договорот за Енергетска заедница, за заштита на здравјето на луѓето и животната средина, вклучително и одвраќачки санкции за прекршувањата.“
Референци
- https://bankwatch.org/press_release/western-balkan-governments-must-finally-penalise-illegal-coal-pollution-new-report