Opens in a new tab

Прочистувачи на воздух: комплетен водич

Прочистувачот на воздух ги задржува лебдечките честички (прашина, полен, чад, PM2.5, влакна од миленици) и, ако има активен јаглен, дел од мирисите и гасовите. Овој водич одговара на најчестите прашања: како да го одберете вистинскиот уред, колку чини користењето и што да очекувате од Winix прочистувачите.

1. Зошто е важен воздухот во затворен простор?

Дали воздухот внатре може да биде позагаден од надворешниот?

Да, во одредени случаи. Според американската агенција за животна средина (EPA), концентрациите на некои загадувачи во затворен простор често се 2 до 5 пати повисоки од надворешните (секако под услов надвор да не е екстремно загадено како што е во Скопје во зимскиот период), а луѓето поголемиот дел од времето го поминуваат внатре. Причина се слабото проветрување и изворите во самиот дом.

Кои се најчестите извори на загадување во домот?

  • Прашина и домашни грини од текстил, душеци и килими.
  • Влакна и пердуви од домашни миленици.
  • Чад од цигари, камин, печка на дрва и готвење.
  • Полен и спори од мувла што влегуваат од надвор или растат во влажни простории.
  • VOC (испарливи органски соединенија) од бои, лакови, нов мебел, средства за чистење и парфеми.
  • Фини честички PM2.5 од надвор што влегуваат низ прозорци и пукнатини.

Зошто загадувањето со PM2.5 е проблем во Скопје и Македонија?

Во зимските месеци, при користење на греење на дрва и јаглен и неповолни временски услови, концентрациите на PM2.5 во македонските градови често ги надминуваат границите. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува дневна вредност од 15 µg/m³ PM2.5, а годишна од 5 µg/m³. Честичките PM2.5 се толку ситни што навлегуваат длабоко во белите дробови, па затоа квалитетот на воздухот во спалната соба е особено важен.

Кога има потреба од прочистувач на воздух?

Прочистувач има смисла ако:

  • живеете во подрачје со зимско загадување или покрај сообраќајница;
  • некој во домот има алергија на прашина, полен или миленици;
  • во домот се пуши или се користи печка на дрва;
  • имате домашни миленици;
  • спиете или работите во просторија што тешко се проветрува;
  • сакате да ја намалите прашината и непријатните мириси.

Прочистувачот не го заменува проветрувањето и не е лек. Тој е дополнување на други мерки.

2. Што отстранува прочистувачот, а што не?

Кои загадувачи може да ги отстранува прочистувачот?

Зависи од филтрите:

Загадувачи и филтри што ги задржуваат
Загадувач Како се задржува
Прашина, влакна, пердуви Префилтер и HEPA
PM2.5, PM10, чад (честичките) True HEPA
Полен, спори од мувла, алергени од миленици HEPA
Бактерии и вируси во честички и капки HEPA (механички), PlasmaWave
Мириси, дел од VOC и гасови Активен јаглен

Кои загадувачи не може целосно да ги отстрани?

  • Јаглерод моноксид (CO). Прочистувачите не ги задржуваат.
  • Јаглерод диоксид (CO₂). Се намалува само со проветрување.
  • Гасови и VOC во големи количини. HEPA не ги задржува гасовите, а јагленот има ограничен капацитет и мора да се менува.
  • Алергени што веќе се таложат на површини (прашина на мебел, на под). Затоа редовно се чисти и се става прочистувачот.
  • Извор на загадувањето. Мувла на ѕид, на пример, продолжува да лачи спори додека не се отстрани.

Кои се придобивките од користењето прочистувач?

  • помалку прашина и лебдечки честички во воздухот, PM2.5, PM10;
  • помалку полен и алергени во сезоната на алергии;
  • намалена изложеност на чад и PM2.5;
  • помалку непријатни мириси (со активен јаглен);
  • почисто и посвежо чувство во спалната соба.

Дали прочистувачите помагаат при алергии и астма?

Може да помогнат со намалување на алергените во воздухот, особено при алергија на прашина, полен и миленици. Ефектот е индивидуален и не е замена за терапија. Ако имате алергија или астма, консултирајте се со лекар. Winix наведува дека неговите уреди имаат сертификати како ECARF и Allergy UK, кои се однесуваат на погодноста за алергичари.

Дали прочистувачите штитат од вируси и бактерии?

Делумно. Вирусите и бактериите често се пренесуваат со ситни капки и аеросоли што HEPA филтерот ги задржува, па прочистувачот може да ја намали концентрацијата во воздухот. Меѓутоа, не гарантира дека нема да се заразите. Најдобро е да се комбинира со проветрување, хигиена и други мерки.

Дали прочистувачот го заменува проветрувањето?

Не. Прочистувачот ги отстранува честичките, но не го намалува CO₂ и не носи свеж кислороден воздух. Проветрувајте редовно, а за време на проветрувањето Winix препорачува да го исклучите уредот.

Што не може да реши еден прочистувач?

Не ја решава влагата и мувлата, не го заменува чистењето, не го намалува CO и не го решава проблемот со лоша вентилација. Не го поправа ни изворот на загадувањето.

3. Како работи прочистувачот на воздух?

Како воздухот влегува, се филтрира и повторно се испушта?

Вентилаторот вшмукува воздух од просторијата и го води низ слоеви на филтри. Најпрво префилтерот ги задржува крупните честички, потоа HEPA ги задржува ситните, а јагленот мирисите. Чистиот воздух се испушта назад во просторијата. Постојаното циркулирање постепено го намалува загадувањето.

Што е повеќестепено прочистување?

Тоа е комбинација од повеќе филтри во низа. Секој слој има своја задача и ја штити работата на следниот. Кај Winix уредите има 4 степени:

  1. Префилтер: прашина, влакна и поголеми честички.
  2. Активен јаглен: мириси, чад и дел од гасовите.
  3. True HEPA: PM2.5, PM10 и други ситни честички, со ефикасност до 99,99%.
  4. PlasmaWave®: дополнителен третман на воздухот со јони.

Колку време е потребно да се прочисти воздухот во една просторија?

Зависи од CADR и од волуменот на просторијата. Едно целосно „менување“ на воздухот се добива кога волуменот ќе се подели со CADR.

Пример: просторија од 20 m² со таван од 2,6 m има волумен од 52 m³. Winix Zero S има CADR од 410 m³/h, па на највисока брзина целиот воздух минува низ филтерот за околу 7 до 8 минути. За значајно намалување на честичките се потребни неколку такви циклуси, па практично околу 20 до 30 минути.

Од што зависи ефикасноста на прочистувањето?

  • од CADR на уредот (колку воздух произведува);
  • од големината на просторијата и висината на таванот;
  • од состојбата и квалитетот на филтрите;
  • од брзината на вентилаторот;
  • од местото на поставување и од тоа дали прозорците се отворени;
  • од јачината на изворот на загадување.

4. Кои технологии за прочистување постојат?

Што е HEPA филтер и како функционира?

HEPA е густ филтер од ситни влакна што механички ги задржува честичките. True HEPA (американски стандард) задржува најмалку 99,97% од честичките од 0,3 µm, а европскиот H13 најмалку 99,95%. Winix наведува ефикасност до 99,99%. HEPA не ги задржува гасовите и мирисите. Внимавајте на ознаки како „HEPA-тип“ или „HEPA-like“, кои не значат вистински HEPA.

Која е улогата на префилтерот?

Префилтерот ги задржува прашината, влакната и пердувите, со што го штити HEPA филтерот и го продолжува неговиот век. Може да се чисти. Редовното чистење на префилтерот е најефтиниот начин да се продолжи животот на уредот.

Како функционира филтерот со активен јаглен?

Активниот јаглен врзува молекули на мириси и некои гасови (адсорпција). Колку повеќе јаглен има (особено гранулиран), толку подобро и подолго работи. Кога ќе се насити, престанува да задржува и мора да се замени. Winix Zero S користи гранулиран активен јаглен, а Winix Zero има јаглен филтер што се менува на 3 месеци (четири годишно, вклучени).

Што се електростатички прочистувачи?

Електростатичките уреди ги наелектризираат честичките и ги собираат на плочи што се мијат. Предност е што нема потреба од заменски филтри, но ефикасноста паѓа со нечистотија на плочите, а некои произведуваат малку озон. За здравствени потреби, True HEPA е посигурен избор.

Што прави УВ-C технологијата и кои се нејзините ограничувања?

УВ-C светлината може да ги оштети микроорганизмите. Во прочистувач воздухот минува покрај лампата за многу кратко време, па ефектот е ограничен, а дел од лампите создаваат озон. Не е замена за HEPA филтер. Поради ниската ефикасност и потребада за замена на сијалици, Winix не користи УВ-Ц.

Што се јонизатори и што е PlasmaWave®?

Јонизаторите испуштаат јони што се врзуваат за честичките и за дел од гасовите. Winix PlasmaWave® е технологија со позитивни и негативни јони, која според производителот ги разградува вирусите, бактериите и хемикалиите на молекуларно ниво.

Што е фотокаталитичка оксидација (PCO)?

PCO користи УВ светлина и катализатор за разградување на VOC. Може да создаде нуспроизводи, а ефикасноста во домашни услови е ограничена, па се користи ретко.

Зошто озонските генератори се ризични?

Озонот иритира дишните патишта и не треба да се произведува во домот. Избегнувајте уреди што го рекламираат озонот како метод на чистење. Во Калифорнија (CARB) границата за озон од воздушни прочистувачи е 0,050 ppm. Прочистувачите на Winix се сертифицирани и безбедни за употреба.

Што се хибридни системи?

Тоа се уреди што комбинираат повеќе технологии, на пример префилтер, HEPA, јаглен и јонизација. Тие се најчест избор за домот. Winix е таков: сите модели имаат префилтер, активен јаглен, True HEPA и PlasmaWave®.

Која технологија е најефикасна и за каква намена?

Технологија според намена
Намена Најважна технологија
Прашина, полен, PM2.5, миленици True HEPA
Мириси, чад, VOC Активен јаглен (доволна количина)
Бактерии и вируси во воздухот HEPA плус проветрување
Дополнителен третман PlasmaWave или слична јонизација

5. Кој тип прочистувач за кој проблем?

Какви типови прочистувачи постојат според поставувањето?

  • Преносливи и за маса за мали простории (до 20 m²);
  • Подни куќни уреди за дневни и спални соби;
  • Паметни модели со Wi-Fi и апликација.

Уредите што се вградуваат во вентилациски системи или се монтираат на ѕид и таван се за комерцијални објекти и не се предмет на овој водич.

Кој прочистувач е најдобар за прашина и алергени од полен?

Модел со True HEPA и добар CADR, со префилтер што се чисти. За сезона на полен ставајте го прочистувачот во спалната соба и оставете го да работи ноќе.

Кој прочистувач е најдобар за чад и PM2.5?

За чад се потребни и HEPA и доволна количина активен јаглен. Winix Zero S и Winix Zero се наменети токму за ваков тип загадување, а T800 има највисок CADR (500 m³/h).

Кој прочистувач е најдобар за мириси и VOC?

Оној со поголема количина гранулиран активен јаглен. Winix Zero S се истакнува со гранулиран јаглен. Јагленот се менува навреме, бидејќи наситениот не дејствува.

Кој прочистувач е најдобар за домови со миленици?

Модел со добар префилтер (задржува влакна), HEPA за перути и јаглен за мириси. Префилтерот се чисти почесто во такви домови.

Дали има прочистувачи специјално за кујна?

Не постои „кујнски“ прочистувач што го заменува аспираторот. Кујната има масни испарувања и гасови од готвењето. Најдобро се решава со аспиратор, а прочистувачот со активен јаглен го дополнува.

Како да се избере прочистувач според конкретниот проблем?

Прво одредете го проблемот (прашина, чад, мириси, алергии), па изберете соодветна филтрација, а потоа CADR според просторијата (поглавје 6).

6. Колку голем прочистувач ми треба: CADR и ACH

Што е CADR?

CADR (Clean Air Delivery Rate) е количината чист воздух што уредот ја произведува на час (m³/h), мерена по стандарди како AHAM. Колку е поголем CADR, толку побрзо се чисти воздухот.

Што е ACH?

ACH (air changes per hour) покажува колку пати на час воздухот во просторијата минува низ прочистувачот.

ACH = CADR ÷ волумен на просторијата (m² × висина на таванот)

За алергии, чад и PM2.5 препорачливо е 4 до 5 ACH. За општо одржување доволни се 2 до 3 ACH.

Како се одредува потребната квадратура?

Помножете ја површината со висината на таванот за да го добиете волуменот, потоа помножете со саканите ACH. Добиениот број е минималниот CADR.

Пример: спална од 16 m² со таван 2,6 m има волумен 41,6 m³. За 5 ACH потребен е CADR од најмалку 208 m³/h.

Дали висината на таванот влијае врз изборот?

Да. Висок таван значи поголем волумен, па за истата површина е потребен поголем CADR.

Зошто декларираната површина не е секогаш доволна?

Производителите ја наведуваат максималната површина што уредот ја покрива, најчесто со малку измени на час. Winix Zero S е означен „до 100 m²“, што при таван од 2,6 m е околу 1,6 ACH. За алергии и чад реалната препорачана површина е помала. Затоа гледајте го CADR.

Колку површина покрива Winix при различен ACH?

Пресметано при CADR на највисока брзина и таван од 2,6 m:

Површина (m²) што ја покрива Winix модел при различен број измени на воздух на час (ACH)
Модел CADR (m³/h) 2 ACH 3 ACH 4 ACH
Winix Zero 390 75 m² 50 m² 37 m²
Winix Zero S 410 79 m² 53 m² 39 m²
Winix T800 500 96 m² 64 m² 48 m²

Ова се ориентациони вредности. На највисока брзина уредите се најгласни (51 до 60 dB), па за секојдневна работа се користи пониска брзина или автоматски режим.

7. Кои карактеристики и сензори се важни?

Кои карактеристики се најважни при избор?

  1. CADR (капацитет)
  2. Тип и квалитет на филтрите (True HEPA, количина јаглен)
  3. Ниво на бучава (dB) на ниска и на висока брзина
  4. Автоматски режим со сензор за честички
  5. Цена и достапност на заменски филтри
  6. Потрошувачка на струја (W)

Тајмер, Wi-Fi, апликација и дизајн се нивоа на удобност, а не основни функции.

Кое ниво на бучава е прифатливо?

Околу 25 до 30 dB е речиси нечујно и погодно за спиење, а над 50 dB веќе пречи. Winix моделите на најниска брзина работат со 23 до 28 dB.

Што се PM1, PM2.5 и PM10?

Тоа се честички според големината: PM10 (до 10 µm, прашина и полен), PM2.5 (до 2,5 µm, чад и ситна прашина) и PM1 (до 1 µm). Колку се помали, толку подлабоко навлегуваат во дишните патишта.

Како функционираат сензорите за честички?

Најчесто се оптички и мерат како светлината се расеува на честичките. Прочистувачот го користи податокот за да ја прилагоди брзината. Сензорите се корисна ориентација, но не се лабораториски прецизни, а прашина на сензорот може да го искриви мерењето. Чистете го според упатството.

Што е автоматски режим и што покажува индикаторот?

Во автоматски режим уредот сам ја регулира брзината според загадувањето. Winix го прикажува нивото на загаденост со бои (Zero, Zero S) или нумерички приказ на PM2.5 (T800).

Што мерат сензорите за VOC и CO₂?

VOC сензорите даваат општа индикација за испарливи соединенија, а не точен состав. CO₂ сензорот покажува кога е потребно проветрување. Прочистувачот не го намалува CO₂.

Која е разликата меѓу прочистување и мерење?

Мерењето само ја покажува состојбата, а прочистувањето ја подобрува. Добар мерач не го прочистува воздухот, а прочистувач без добар сензор може да работи неефикасно.

Колку се корисни Wi-Fi и паметните функции?

Корисни се за далечинска контрола, распореди и следење на воздухот. Winix T800 се контролира преку апликацијата Winix Smart и поддржува Google Home и Amazon Alexa.

8. Winix прочистувачи на воздух: модели и споредба

Што ги издвојува Winix прочистувачите?

  • 4-степена филтрација: префилтер, активен јаглен, True HEPA и PlasmaWave®.
  • BLDC мотор: потивок и со подолг век на траење.
  • Автоматски режим со сензор за честички и сензор за светлина (ноќен режим).
  • Сертификати: ECARF, Allergy UK, CE, RoHS, TÜV, Energy Star, AHAM (според Winix).
  • Произведено во Кореја/Тајланд, гаранција 2 години.

Кои Winix модели се достапни и како се споредуваат?

Споредба на Winix прочистувачите на воздух (цени со ДДВ, проверени на 16.10.2026)
Модел Површина CADR (m³/h) Бучава (dB) Моќност (W) Цена со ДДВ
T500 20 до 50 m² погледнете на сајтот погледнете на сајтот погледнете на сајтот 9.500 ден
Winix Zero до 99 m² 390 27,8 до 60 2,8 до 70 14.400 ден
Zero S до 100 m² 410 27 до 51,4 3,5 до 62 15.600 ден
Zero S Wi-Fi до 100 m² 410 27 до 51,4 3,5 до 62 17.000 ден
T800 WiFi до 120 m² 150 до 500 23,2 до 56,2 2,5 до 45 21.200 ден

Цените се акциски цени со ДДВ во моментот до 16.10.2026.

Кој Winix модел е за мала до средна просторија?

Winix T500 (20 до 50 m²) е најдостапниот модел и е логичен избор за спална или дневна соба. Деталните спецификации ги проверете на winixmk.mk.

Кој Winix модел е за голем простор, чад и мириси?

Winix Zero S (CADR 410 m³/h, до 100 m²) нагласува гранулиран активен јаглен и е добар избор за мириси, чад и поголеми простории. Winix Zero (CADR 390 m³/h, до 99 m²) нуди тајмер од 1, 4 и 8 часа и добра покриеност за дневни соби, канцеларии и спални соби.

Кој Winix модел е за паметна контрола и најголем простор?

Winix T800 WiFi има највисок CADR (до 500 m³/h), покриеност до 120 m², нумерички PM2.5 приказ, апликација Winix Smart и поддршка за Google Home и Amazon Alexa. Најтивок е на најниска брзина (23,2 dB), па е погоден и за спална соба. Компактен е: 4,7 kg, 28 x 28 x 52 cm.

Како Winix го прочистува воздухот во 4 фази?

  1. Префилтер ја задржува прашината и влакната и го штити HEPA филтерот.
  2. Активен јаглен помага при мириси, чад и некои гасови.
  3. True HEPA ги филтрира PM2.5 и PM10, полен, спори од мувла и перути.
  4. PlasmaWave® со јони дополнително го третира воздухот.

Следат автоматскиот режим и сензорот за честички, кој сам ја регулира брзината.

Колку често се менуваат филтрите кај Winix?

HEPA филтерот се менува на 6 до 12 месеци, зависно од условите. Кај Winix Zero, јаглен филтерот се менува на 3 месеци (четири годишно, вклучени). Префилтерот се чисти редовно. Цените на филтрите се од околу 2.700 до 4.200 ден со ДДВ, зависно од моделот, на winixmk.mk.

Каде да купам Winix прочистувач во Македонија?

Од официјалната продавница WinixMK, Јане Сандански 25/1-2, Скопје, тел. +389 72 21 31 51.

9. Како да избереме прочистувач?

Кои фактори треба да се земат предвид пред купување?

  1. Големината на просторијата и ACH (поглавје 6).
  2. Видот на загадувањето (честички, мириси, алергени).
  3. Нивото на бучава, особено за спална соба.
  4. Цената на уредот и на заменските филтри.
  5. Достапноста на заменски филтри и сервис.
  6. Паметни функции, ако ви се потребни.

Како да изберам за алергии, миленици или чад?

Земете модел со True HEPA и добар CADR, активен јаглен за чад и мириси и префилтер што лесно се чисти. За алергии на полен, ставајте го уредот во спалната соба.

Како да изберам за спална или детска соба?

Најважна е тишината. Побарајте ниска бучава на најниска брзина (Winix Zero), ноќен режим и автоматско затемнување на светлата. Winix моделите имаат сензор за светлина што автоматски го активира ноќниот режим.

Како да изберам за канцеларија или деловен простор?

Земете поголем CADR, добар приказ на загадување и тајмер. Размислете и за тоа колку луѓе има во просторијата и како се проветрува.

Кои функции се неопходни, а кои се дополнителни?

Неопходни и дополнителни функции
Неопходно Дополнително
True HEPA Wi-Fi и апликација
Доволен CADR Гласовна контрола
Активен јаглен (за мириси) Тајмер
Префилтер што се чисти Дизајн
Ниска бучава Нумерички PM2.5 приказ

Како да се споредат техничките спецификации?

Споредувајте CADR, а не „m²“. Погледнете ги dB на ниска брзина и на највисока, моќноста во W и цената на филтрите по година. Проверете дали ефикасноста на HEPA е наведена по стандард.

HEPA или електростатичка филтрација?

За здравствени цели, True HEPA е посигурен избор. Електростатичките уреди се мијат, но ефикасноста е променлива и можат да создадат озон.

Со јаглен или без јаглен?

Јагленот е потребен ако имате мириси, чад или VOC. За чиста прашина и полен, HEPA е доволен, но јагленот е корисен за повеќето домови. За Скопски услови исто така и активниот јаглен е важен.

Поевтин модел или модел со пониски долгорочни трошоци?

Евтин уред со скапи или недостапни филтри е лош избор.

На кои маркетиншки тврдења треба да се внимава?

  • „Убива 99,9% од вирусите“ без наведен стандард и услови.
  • „HEPA-тип“ или „HEPA-like“ наместо True HEPA.
  • Покриеност во m² без CADR.
  • Озон или „активен кислород“ како метод на чистење.
  • Тврдења за лекување болести.

Дали поскап прочистувач секогаш е подобар?

Не. Подобар е оној со вистински CADR и TRUE HEPA за вашата просторија, добри филтри и достапни резервни делови.

Дали поголемата декларирана квадратура значи и подобри перформанси?

Не секогаш. Гледајте го CADR и ACH. Два модели со иста „квадратура“ може да имаат различни перформанси.

Дали сите прочистувачи го отстрануваат секој вид загадување?

Не. Само уреди со HEPA ги отстрануваат честичките, а само оние со доволно јаглен делумно ги отстрануваат мирисите и гасовите.

10. Каде и како да се користи прочистувачот?

Каде е најдобро да се постави?

Во просторијата каде најмногу престојувате, на место со слободен проток. За спална соба, на 1 до 2 m од креветот, но не директно насочен кон лице.

Колкаво растојание треба да има од ѕидовите и мебелот?

Оставете најмалку 20 до 30 cm слободен простор околу уредот, особено пред влезот и излезот на воздухот.

Дали треба да работи постојано?

Идеално да, на ниска брзина или во автоматски режим. Потрошувачката е мала, а честичките постојано се враќаат од надвор и од внатре.

Која брзина е најсоодветна за секојдневна употреба?

Автоматски режим. Рачно ставајте повисока брзина кога чистите, готвите или при пик на загадување. Winix советува за алергичари или поголем степен на прочистување да се стави рачно поголема брзина.

Дали треба да се затворат прозорците и вратите?

За најдобар ефект да, за време на работата на прочистувачот. Меѓутоа, не оставајте просторија трајно затворена. Проветрувајте кратко кога надворешниот воздух е чист, и исклучете го уредот додека проветрувате.

Како да се користи во спална соба?

Ставете автоматски режим и ноќен режим. Winix моделите имаат сензор за светлина и работат на 23 до 28 dB на најниска брзина.

Дали е доволен еден прочистувач за целиот дом?

Само ако просторот е отворен и CADR е доволен. Во повеќе затворени простории најдобро е по еден уред во спалните соби и дневната.

Како да се комбинира со проветрување и клима?

Проветрувајте кога надворешниот воздух е чист (на пример рано утро во сезона без загадување). Во зима, при висок PM2.5 надвор, оставете го прочистувачот да работи со затворени прозорци. Климата не го филтрира воздухот како прочистувачот.

11. Одржување, филтри и решавање проблеми

Колку често се менуваат филтрите?

HEPA на 6 до 12 месеци, активниот јаглен според моделот (кај Winix Zero на 3 месеци). Префилтерот се чисти на 2 до 4 недели.

Како се чисти префилтерот?

Извадете го и исчистете го со правосмукалка или измијте го со вода, па оставете го да се исуши целосно пред да го вратите.

Дали HEPA филтрите може да се мијат?

Не. Мијењето ја оштетува структурата и ја намалува ефикасноста. HEPA филтерот се заменува.

Како да се препознае истрошен филтер?

Слаб проток на воздух, непријатен мирис, почесто работење на високи брзини и видливо затемнување на филтерот. Некои уреди имаат индикатор за замена.

Што влијае врз животниот век на филтрите?

Нивото на загадување, чадот, милениците, бројот на часови работа, брзината и чистотата на префилтерот.

Колку чинат заменските филтри?

Кај Winix, цените се движат приближно од 2.700 до 4.200 ден со ДДВ, зависно од моделот. Актуелната понуда е на winixmk.mk.

Најчести грешки при одржување

  • чистење на префилтерот ретко или никогаш;
  • миење на HEPA филтерот;
  • користење без префилтер;
  • заборавање на филтерот со јаглен;
  • ставање до ѕид или завеса;
  • невадење на пластичната амбалажа од филтрите пред првото користење.

Зошто прочистувачот работи, но воздухот не изгледа почист?

Најчесто: премал CADR за просторијата, истрошен филтер, отворени прозорци, или изворот на загадувањето е постојан (чад, мувла).

Зошто уредот е бучен?

Високата брзина е гласна по природа. Ако е бучен и на ниска, проверете дали префилтерот е затнат, дали уредот стои стабилно и дали филтрите се правилно вметнати.

Зошто индикаторот покажува лош квалитет на воздухот?

Може навистина да има загадување (готвење, чад, чистење, полен), да е запрашен сензорот или да е запушен проток на воздух. Исчистете го сензорот според упатството.

Зошто се појавува непријатен мирис?

Заситен јаглен филтер, влажен или мувлосан префилтер или силен извор на мирис во просторијата. Winix советува да не се користи прочистувачот во простории со многу силни мириси.

Зошто уредот слабо влече воздух?

Затнат префилтер или HEPA, блокирани отвори или ставен премногу блиску до ѕид.

Кога е потребен сервис?

Ако уредот не се вклучува, прави необични звуци или има мирис на изгорено, исклучете го и контактирајте го сервисот. Winix уредите имаат 2 години гаранција.

12. Колку чини користењето?

Дали прочистувачите трошат многу струја?

Не. Winix моделите трошат околу 2,5 до 3,5 W на најниска брзина и 45 до 70 W на највисока (турбо). При автоматски режим најчесто работат на ниски до средни брзини.

Колку чини месечната и годишната работа?

Пример при примерна цена од 8 ден/kWh (проверете го вашиот тарифен ставка):

Пресметка на потрошувачка на струја (примерна цена 8 ден/kWh)
Режим Моќност На месец На година
Спора брзина, 24 часа 6 W околу 4,3 kWh, 35 ден околу 420 ден

Вредностите на W се од спецификацијата на Winix Zero S. Во реалност најголем дел од времето уредот е на ниска брзина, па годишниот трошок е обично помал од 500 ден.

Колку чинат заменските филтри?

Види поглавје 11.

Како да се пресмета вкупниот трошок за неколку години?

Вкупно = цена на уред + (филтри годишно × години) + (струја годишно × години)

Што значи енергетска ефикасност кај прочистувачите?

Колку чист воздух добивате по потрошен вати (CADR по W). Помалку W за ист CADR е подобро.

Цена на уред наспроти трошоци за одржување

Евтиниот уред со скапи филтри може на подолг рок да чини повеќе од скапиот со евтини филтри. Секогаш споредувајте на 3 до 5 години.

13. Заклучок и најчести прашања

Што е поважно: технологија, капацитет или цена?

По ред: (1) вистински CADR за вашата просторија, (2) True HEPA и доволно јаглен, (3) ниска бучава, (4) цена на филтрите. Паметните функции се на последно место.

Како да направам информиран избор според сопствените потреби?

  1. Измерете ја просторијата и пресметајте волумен.
  2. Одредете го загадувањето (честички, мириси, алергии).
  3. Одберете ACH (4 до 5 за алергии и чад).
  4. Пресметајте минимален CADR.
  5. Споредете уреди по CADR, dB, филтри и трошоци.

Кој Winix да го изберам?

  • Мала до средна соба, поевтино: Winix T500.
  • Чад, мириси, големи простории: Winix Zero S (или Zero S Wi-Fi).
  • Баланс на цена/кваритет и бучност: Winix Zero.
  • Најголем капацитет и паметна контрола: Winix T800 WiFi.

Најчести прашања

Дали Winix прочистувачите имаат True HEPA?
Да, сите наведени модели имаат True HEPA филтер, со ефикасност до 99,99% според Winix.
Колку чини прочистувач на воздух Winix?
Од 9.500 до 21.200 ден со ДДВ, зависно од моделот (проверка на 16.10.2026).
Колку често се менува HEPA филтерот?
На 6 до 12 месеци.
Колку е гласен Winix?
Од околу 23 до 28 dB на најниска брзина, до 51 до 60 dB на највисока.
Дали прочистувачот го отстранува чадот и мирисите?
Честичките од чадот да, а мирисите делумно со активен јаглен.
Дали прочистувачот го заменува проветрувањето?
Не.
Дали има гаранција?
Да, 2 години на проверените модели.

Каде да го најдам вистинскиот Winix прочистувач?

Погледнете ги сите модели, спецификации и заменски филтри на winixmk.mk.

WinixMK, Јане Сандански 25/1-2, Скопје, тел. +389 72 21 31 51.
Други постови
Сезона на алергии

Алергија на домашна прашина

Алергија на домашен прав се должи најмногу на микроскопски крлежи кои се наоѓаат во него.…
Повеќе
Првут од миленици

Првут од миленици

Луѓето кои имаат алергија на домашни миленици имаат чувствителен имунолошки систем. Ваквиот имунолошки систем реагира…
Повеќе
чад од цигари

Болести на белите дробови

Директно поврзани со изложувањето на чад од цигари се астмата, хроничниот бронхитис и честите настинки.…
Повеќе
Споредба на ПМ честички со влакно

ПМ честички

Што се ПМ честички? ПМ честички се ситни честички (тврди или течни) што се присутни…
Повеќе
Информации за прочистувачите WINIX

Совети при избор на прочистувач

Оваа година се зголеми популарноста на прочисувачите на воздух. Како резултат се појавија повеќе брендови.…
Повеќе
загадувачи на воздух, индустрија, прочистување и филтрирање на воздух

ПМ Честички во воздухот во пораст

Воздухот во Македонија е алармантно загаден. На тоа укажуваат мерните станици кои речиси секојдневно регистрираат…
Повеќе
Без Озон

Внимавајте кога купувате јонизатор! Можеби произведува

Озонот е токсичен. Побарајте сертификат дека уредот не произведува озон. Во спротивно не купувајте такви…
Повеќе
загадување на воздухот zagaduvane na vozduhot

Влијание на термо централите врз квалитетот

Во западен Балкан има 16 застарени термо централи на јаглен кои го загадуваат воздухот и…
Повеќе